Иднината на Западен Балкан и предизвиците за младите
Минатата година, претставници на Домот на лордовите од Обединетото Кралство ги посетија земјите од Западен Балкан инволвирани во Берлинскиот процес, меѓу кои и Македонија. Главната цел на ваквата посета беше да се истражи потребата од активното учество на Обединетото Кралство во Берлинскиот процес како и да се види досегашното влијание врз процесите во овој дел од Европа. За таа цел претставниците на Комитетот за меѓународни односи остварија средби со разни чинители од повеќе сектори на делување од земјите од Западен Балкан. Во септември, Националниот младински совет на Македонија, чиј стратешки партнер е Британска амбасада Скопје, беше поканет на средба со претставниците на Комитетот за меѓународни односи.
Во извештајот „Обединетото Кралство и иднината на Западен Балкан“, се наведува дека Обединетото Кралство мора да го продолжи својот ангажман со регионот заедно со меѓународните партнери, за да го заштити напредокот постигнат во регионот. Исто така, извештајот ги инкорпорира препораките и предизвиците пренесени од претставниците на Националниот младински совет на Македонија.
Комитетот во овој извештај ја забележува проактивноста на Советот во градење на долготрајни механизми за комуникација со ресорните министерства за вклучување на младите во процесите на носење одлуки, вклучувајќи го и Берлинскиот процес како и младинските активности на Европско ниво, заедно со Европскиот младински форум. На членството на Советот во младинското европско семејство се гледа како на одличен исчекор кон интеграцискиот процес, со додадената вредност што ваквиот процес е воден од млади за млади.
Освен што препораките на Советот се во насока на генералниот заклучок кој вели „Велика Британија мора да продолжи да ги поддржува земјите од Западен Балкан и да продолжи да се залага за нивно пристапување кон членството во ЕУ“, нотира активна поддршка кон продлабочувањто на соработката со Британскиот парламент и Британскиот совет.