Александар Темелкоски – „Младинското учество во иднината на образованието“
Младинско учество, младински активизам, младински политики… се само дел од повеќето термини со кои пред се ние младите се повеќе и повеќе се среќаваме пред се на социјалните мрежи каде што гледаме голем број проекти, истражувања и дебати токму на овие теми. Но иако дел од моите врсници знаат за значењето на овие зборови и за нашата потенцијална сила преку искористувањето на младинскиот активизам, сепак голем дел од нашите генерации се целосно разочарани верувајќи во целост дека нашиот глас како млади личности во целост се занемарува.
Корона кризата со која што се соочивме од почетокот на март несомнено се одрази во висок степен и на самиот образовен процес и квалитетот на самото образование. Во овој контекст би било бесцелно само да критикуваме без да произвнесеме конкретни предлози. Бидејќи ДА почитувани верувам дека токму во овие моменти младите преку младинското учество е неопходно да помогнат на своите професори и наставници во овие предизвици со кои сите се соочуваме, и исто би претставувало и основа за понатамошно активирање и стимулирање на младите во подобрување на самиот образовен процес. Основното начело кое би го потенцирал и верувам дека е основа на се понатаму е КООРДИНАЦИЈАТА. Тука пред се мислам на координацијата помеѓу самите ученици, средношколци или студенти од една страна и од друга страна ја имаме координацијата помеѓу професорите и децата. Без поставување на систем на координација верувајте почитувани не би можеле во никој случај да зборуваме за силно младинско учество во подобрување на образовниот процес. Би го образложил својот став за координацијата помеѓу самите ученици. Тука верувам дека би било идеално да го превземеме концептот каков што е во нашите факултети. Секоја група да има свој координатор, така секој клас во училиштата да има свој координатор заедно со свој помошник/ци кои ќе бидат во секое време достапни да разговараат со останатите ученици, да ги сослушаат, да ги пренесат идеите или предлозите од самите ученици до своите професори. Тие ќе бидат гласникот до самиот професор.
Исто така истите тие мора да бидат личности со авторитет, личности кои ќе ја претставуваат својата мала заедница во најдобро светло. Едноставно одговорни личности кои што во секојдневна комуникација не само во училиште туку и на самите социјални мрежи ќе разговара со останатите свои ученици притоа дискутирајќи и за најситните проблеми и изнаоѓање решенија за сите проблеми не по принципот да се избегне некоја тешкотија, туку да се реши проблемот на најквалитетниот можен начин. За да не биде само ова празни зборови како латинската RES NON VERBA (Дела а не зборови) би потенцирал конкретен сопствен пример. Јас како студент на Правниот факултет во Скопје почитуван читателу сум координатор на својата група во прва година правни студии и можам да зборувам за безброј добри искуства кои сум ги имал со останатите студенти во подобрување на нашето образование.
Бидејќи почитувани запомнете за крај: Само со спојување помеѓу искуството на нашите професори и идеите на младите луѓе можеме да зборуваме за квалитетно образование со кое што сите ние еден ден ќе се гордееме!
Фото: Council of Europe