Барање за измени на Предлог Закон за данок на личен доход

По иницијатива на Националниот младински совет на Македонија, Младинскиот образовен форум и Центарот за интеркултурен дијалог, група граѓански организации поднесоа барање за измени на Предлог Закон за данок на личен доход до министерот за финансии Г. Драган Тевдовски.

Во прилог може да ја прочитате содржината на барањето.

Ви се обраќаме со барање за менување на една од точките во предложените измени во Закон за данок на личен доход. Конкретно, во предлог измените на законот се предлага измена која ќе се одрази негативно на работата на здруженијата на граѓани и организациите, а најмногу на младинските организации и организациите кои работат за млади.

Станува збор за точката 41), став (1) од член 12, Надоместоци на кои не се плаќа данок на доход:
41) надоместоци на трошоци за сместување, храна и превоз за лица кои се учесници на настани со времетраење не повеќе од 5 дена, организирани во рамки на активностите на организацијата основана согласно со Законот за здруженија и фондации, утврдени врз основа на документи за направените трошоци;
Со оваа точка се воведува плаќање на данок на доход за сместување, храна и превоз за учесници на настани кои траат повеќе од 5 денови организирани од организации основани според Закон за здруженија на граѓани и фондации. Сметаме дека оваа точка треба да се промени и да важи за сите настани без да има временско ограничување. Причините поради кои го бараме ова од вас се следните:

1. Воведувањето на оданочување за настани над 5 денови ќе се одрази најмногу на младинските организации и организациите кои работат за млади. Младите во Македонија се справуваат со многу предизвици – невработеност, низок стандард, малку социјални и културни можности и други фактори кои резултираат со разочараност, бесперспективност и високи стапки на иселување на младите од државата. Младинските организации се меѓу оние кои најмногу прават да се надминат овие проблеми и обезбедуваат активности за млади кои им го подобруваат животот и личниот развој – од јавни настани до бројни обуки, работилници и размени. Многу од овие активности траат над 5 денови. Ова оданочување ќе се одрази директно на младите во земјата и младинските организации кои посветено работат да им го направат животот подобар. Данокот ќе влијае на намалување на буџетите за активности, со што помалку млади ќе можат да ги користат.

2. Постојат многу активности за млади организирани од граѓански организации кои траат повеќе од пет денови. Тука влегуваат и активности организирани со поддршка на Регионалната канцеларија за младинска соработка (РИКО), Европската младинска фондација на Советот на Европа, Еразмус+ и други програми. Овој данок ќе влијае на намалување на бројот на корисници кои може да ги користат програмите или намалување на нивната должина што ќе се одрази на квалитетот. За илустрација, подолу во ова писмо Ви наведуваме активности кои во самите насоки за спроведување се во времетраење значајно подолго од 5 денови.

3. Нејасно е од каде се јавува предлогот за оданочување на овие трошоци за настани над 5 денови (или 3 денови како што стоеше во првиот предлог на законот, објавен за коментари на ЕНЕР). Прашуваме врз основа на каква анализа е дојдено до овој рок? Во Проценката на влијание на регулативата исто така нема објаснување за оваа промена.

4. Нелогично е што во истиот предлог закон, синдикатите целосно се ослободуваат од овие давачки, додека се воведуваат за здруженијата на граѓани и фондациите. Врз основа на каква анализа е проценето дека синдикатите треба да бидат ослободени од овој трошок, а не и здруженијата на граѓани и фондации?

6. Минатата година, со измените на истиот закон од 1.1.2018, се појасни дека не се плаќа овој данок за вакви активности. Со овие измени помалку од една година подоцна, се предлага да се воведе. Врз основа на што е дојдено до оваа проценка? Потсетуваме дека ваквите ад хок неплански промени придонесуваат кон креирање на неповолна и несигурна правна средина за работа на здруженијата на граѓани во Македонија.

7. Meнувањето закони без најава и јавна дебата ја зголемува правната несигурност на здруженијата. Постојат проекти кои се со времетраење од повеќе години, кои веќе се во имплементација. Ваква мерка ќе направи дополнителни проблеми во буџетирањето, ќе се влијае на планирани активности, ребалансирање на буџети и последици кон работењето на организациите и преземените обврски кон донаторите.

8. Ваквите надоместоци (сместување, храна и превоз за учество на настани организирани од организации основани според Законот за здруженија и фондации) се неопходни трошоци за остварување на дејноста на здруженијата, и не се доход на учесниците на настаните и другите лица кои учествуваат во нив (многу од кои се често и малолетници), и не треба да се оданочат со персонален данок.

Од овие причини погоре, бараме од Вас да ја коригирате точка 41), став (1) од член 12, од истата да се отстрани временското ограничување и истата да гласи:
Надоместоци на кои не се плаќа данок на доход:
41) надоместоци на трошоци за сместување, храна и превоз за лица кои се учесници на настани, организирани во рамки на активностите на организацијата основана согласно со Законот за здруженија и фондации, утврдени врз основа на документи за направените трошоци;
Сметаме дека доколку остане предложената измена во законот за оданочување на трошоците за сместување, храна и пат за настани над 5 денови организирани од здруженија на граѓани и фондации, ќе бидат оштетени граѓанските организации и корисниците на нивните активности. Посебно ќе бидат оштетени младинските организации и младите кои ги користат нивните програми. Сметаме дека образложивме зошто овој предлог е неоснован, не е потркепен со анализи, во спротивност со постоечките програми кои се спроведуваат во Македонија и непожелен за младите.

Нашата земја и нејзините институции треба во прв план да ги стават младите, кои се една од социјално загрозените групи и категорија која масовно си заминува од земјата. Наместо да се стават младите и работата на младинските организации како приоритет, со ваква измена само се прави штета врз нивните можности и работа.

Барањето е поддржано од 87 организации, целосното обраќање како и сите организации кои го поддржаа барањето можете да ги пронајдете тука.

Сподели