Ванѓел Ѓорѓиев – „Младинското учество во иднината на образованието“

„Кога младите откриваат дека можат да бидат застапници на промена, прекрасни
работи се случуваат.“ – Алма Пауел

 

Денес, во општеството се бележи подем кон широкогледна перцепција за младинското учество. Подем од ограничената помисла дека „еден ден, ќе дојде ред и на младите да одлучуваат“ кон идејата дека младите во општеството заземаат еднаква  рамноправна положба, со сите останати генерациски групи, при носење на општествени одлуки. Ваквата идеја на младинско учество кое овозможува вклученост и заедничко одлучување насочено кон подобрување на животот на младите, се здобива со дополнителна тежина кога се говори за создавање и воспоставување на образовни промени.

Продуктот на фер и правична иднина единствено е возможен со заедничка вклученост и соработка на сите засегнати страни. Создавањето на иднината на образованието потребно е да започне од страната која најмногу е засегната од истото – младите. За таа цел, неопходно е постојана вклученост и активно учество на младите (особено маргинализираните групи) во креирањето на образовните политики, но и доследно почитување на нивниот глас во овие процеси. Потребно е создавање на атмосфера која ги овозможува и негува значајните и конструктивни образовни идеи и придонеси на младите.

До пред само неколку години, основниот наратив за младинското учество во образовниот процес се карактеризираше како еднодимензионално учество – каде младите се само пропратна возна станица чија вклученост се должи на бланко исполнување на условот „сестрана инклузивност.“ Денес, младинското учество се стреми за премин во фазата на повеќедимензионално учество чија основа подразбира значајна и севкупна вклученост, консултација и учество во создавање на идните образовни процеси. Не е доволно на младите да им се даде само место на одлучувачката маса, туку потребно е да се создаде простор за заедничко континуирано и ефективно вклучување во креирањето на образовните процеси.

Првите чекори кон практичното отелотворување на таквото учество во образованието се забележуваат во работата на младинските организации, ученичките и студентските претставнички тела, како и резултатите од младински предводените движења во светот (пр. движењето за климатските промени и глобалното затоплување, движењето за контрола на оружјето во САД) кои значително ја редефинираат понатамошната релација млади – образование. Несомнено е дека образованието подлежи на ваквата младинска  предводена промена, но во исто време, на овој начин младите практично ги изучуваат и фундаментите на демократско учество и живеење

Со целосна вклученост на младите во создавање на идното образование, можностите стануваат неограничени. Како за илустрација, би се овозможил поголем пристап до образование, замена на стандардизираните тестови кои се решаваат во колона еден зад друг со работа на групни задачи каде учениците ќе одлучуваат за роботски функции, обележување на ѕвездени консталации и изнаоѓање на решенија за локални општествени проблеми. Според тоа, централна улога во образованието би зазела љубопитноста, желбата, мотивот, изборот и инспирацијата на младите. Во вака поставена образовна средина, несомнено ќе се отвораат и нови можности за реконцептуализација на младинското учество.

Засега, младинското учество, предводено од младински движења, организации и тела, неуморно се стреми кон трансформација на образованието и сè посмело чекори кон повеќедимензионално учество во создавањето на иднината на образованието. Таквото идно образование силно ќе ги рефлектира истрајноста и потенцијалот на младите.

 

Ванѓел Ѓорѓиев

 

Фото: alibi.com / Warehouse 508

Сподели