Млади во криза 2.0: Ефекти од пандемијата врз младите и препораки до институциите

Група младински организации го промовираа документот „Млади во криза 2.0“ со кој ги анализираа ефектите од пандемијата врз младите и споделија препораки до институциите како да се поддржат младите при кризата.

„За младите, особено оние од ранливи групи, пандемијата на КОВИД-19 предизвика проблеми во образованието, вработувањето, менталното здравје и финансиската состојба. Додека младите ќе претрпат најмногу економско-социјални последици од кризата, нивната благосостојба може да се подобри преку брзи и правични политички решенија“, изјави Теодора Столевска од МОФ.

Анализата на Здружението за истражувања и анализа – ЗМАИ покажува дека платите на младите се намалиле за време на кризата. Падот на просечните месечни нето примања кај младите во јуни во однос на февруари е 2,6%, додека на ниво на цела држава е 1,8%. Бројот на млади кои имале примања под минималната плата пораснал од 27.149 во февруари на 31.755 во јуни, а нивното учество во целата популација на млади кои имале примања се зголемило од 32% на 37%. Стапките на пад на примања се најизразени кај младите и жените.  „Оваа разлика ја зголемува нееднаквоста меѓу нив и останатите групи, што значи дека мерките треба да бидат дизајнирани за нивна поддршка“, посочи Виктор Стојкоски од ЗМАИ.

Блажен Малески од Реактор – Истражување во акција сподели анализа на кризните-мерки на Владата наменети за млади. Според него, донесени се три уредби во кои изречно се спомнуваат младите – домашна платежна картичка, ваучери за обуки за дигитални вештини и поддршка за партиципација за студирање и сместување во студентски дом.  Над 80.000 млади ги искористиле платежните картички, 2.136 млади искористиле ваучери за ИТ обуки, додека 972 студенти користеле субвенции за партиципација. Високата искористеност укажува дека младите имаат потреба од поддршка, но забележува дека мерките би имале поголем ефект ако се таргетирани – наменети за младите со пониски примања.

Младинските организации апелираат институциите да ги земат во превид младите како клучна група при носењето на мерки за справување со здравствено-економската криза. Препорачуваат да се олесни (ре)вработувањето на младите, но и да се поддржат преку поврат на персоналниот данок и ваучери за домашна потрошувачка на оние на кои им се најпотребни. За образованието да не биде прекинато за ниту едно дете треба да се обезбедат услови за пристап до наставата, особено за младите кои немаат дигитални уреди, кои не се во образовен систем и кои се од економски помалку моќни семејства. Образованието на далечина да стане достапно и за учениците со попреченост.

Кризата и социјалната дистанца влијаат негативно на менталното здравје, за што стручните служби во улиштата мора да обезбедат активности за учениците, а државата да обезбеди сервисни линии за психолошка поддршка и линии за жртви на семејно насилство. Во однос на еднаквото образование за сите, воведување на сеопфатното сексуално образование во сите степени на образование е уште еден начин државата да докаже дека е грижлива за секој млад човек и сите млади имаат подеднакво пристап до информации кои се неопходни за нивното физички и менталено здравје. Законот за младинско учество и младински политики не треба да чека да заврши кризата, треба да се работи на неговата имплементација, заедно со младинските организации. Препорака има и до младите – волонтерството, младинската работа и активизам треба да опстојат.

Од почетокот на пандемијата, оваа мрежа на организации постојано ги следи промените и дава препораки за олеснување на последиците предизвикани здравствената и општествена криза. Членки на иницијативата „Млади во криза“ се: Младински образовен форум, Реактор – Истражување во акција, Здружение за истражување и анализи (ЗМАИ), ХЕРА, Центар за интеркултурен дијалог, Сојузот на извидници, Младински сојуз – Крушево, Еквалис, Писхотерапика, ХОПС, Национален младински сојуз на Македонија, Хелсиншкиот комитет за човекови права и АРНО.

Процесот на криерање на документот и анализите беше поддржан од Фондацијата за демократија на Вестминстер преку Иницијативата за демократија на Западен Балкан

Целиот документ погледнете го на овој линк.

Сподели