Нов бран во студентското организирање – Анализа
Во рамките на проектот Студентско (ре)формирање спроведен од Националниот младински совет на Македонија заедно со партнерските организации Сфера Интернешнал, ФОРУМ16, МКЦ Битола, ЦЕД Теарце и Фондација за развој на локалната заедница Штип беше спроведена анализа на студентското (ре)формирање на државните универзитети во Штип, Битола и Тетово.
Студентското организирање претставува начин и модел на којшто студентите учествуваат во управувањето и одлучувањето на универзитетите. Условите и степенот на којшто еден универзитет ќе овозможи учество на студентите во управувањето и донесувањето на одлуки е показател за демократкиот капацитет на универзитетот и вреднувањето на гласот на студентите.
Имајќи во предвид дека ова е прва година на воспоставување на сосема нов модел на студентско организирање, главната цел на проектот беше да се поттикнат студентските и младинските организациии на активно следење и застапување за транспарентни студентски избори. Ова резултираше со застапување за отворено студентско организирање и информирање на студентите за можностите и начинот за учество во студентските избори на универзитетите, но и следење на транспарентноста и практиките на универзитетите во целиот процес на студентското организирање и формирање на новите студентски собранија, преку точно утврдени критериуми за сите универзитети. Како резултат на овој мониторинг се креираа заклучоци и препораки за универзитетите, кои ќе послужат при организирање и спроведување на идните студентски избори.
Целта на оваа анализа е да ја анализира нормативната рамка на новиот модел на студентско организирање, начинот на избор, правата, обврските и одговорностите на студентските претставници и да ја истражи транспарентноста и првичните практики кои универзитетите ќе ги воспостават при формирање на новите студентски собранија на трите државни универзитети во Штип, Битола и Тетово.
Проектот „Студентско ре(формирање)“ е финансиски поддржан од Фондација Отворено општество – Македонија.
Целата анализа можете да ја погледнете на овој линк.