Отворено писмо до Владата на Република Северна Македонија
Почитуван г-дин Димитар Ковачевски,
Претседател на Владата на Република Северна Македонија
Во името на Националниот младински совет на Македонија, најголемото претставничко тело на младите во државата кое обединува 51 организација-членка, Ви се обраќаме со ова отворено писмо изразувајќи длабока загриженост, незадовоство и разочараност во врска со најавената реорганизација на органите на државната управа. Националниот младински совет на Македонија не ја оспорува потребата за реорганизација на државната управа, но не на сметка на младите кои имаат само една институција која е директно надлежна за нив.
Од Деветтата седница на Советот за реформа на јавна администрација, одржана на 13.7.2021 година, како и од записникот од Дваесет и третата седница на Владата на Република Северна Македонија, одржана на 8.3.2022 година, евидентна е намерата на Владата, Агенцијата за млади и спорт како самостоен и единствен орган кој е надлежен за млади и младински политики да премине како орган во состав на дирекција под Министерство за односи меѓу заедниците, институција чијашто примарна цел ќе биде имплементација на Охридскиот рамковен договор. Националниот младински совет на Македонија го разбира значењето на Охридскиот рамковен договор и исполнување на неговите цели, но сметаме дека грижата за спроведувањето на истиот и грижата, генерално, за младите лица, не се до крај комплементарни, за да се подведат под надлежност на едно исто министерство.
Со предложената реорганизација, Агенцијата за млади и спорт од досегашниот статус на самостоен орган ќе премине на пониско ниво како орган во состав на Министерство за односи меѓу заедниците, со помалку ингеренции и самостојност во работењето, како и со многу стеснет делокруг на работа фокусирајќи се само на имплементација на Охридскиот рамковен договор и заштита на права на заедниците, занемарувајќи ги во целост различните потреби на младите. Ваквата реорганизација на органите на државната управа доведува до исклучително деградирање на институциите надлежни за млади, како и потценување на младинските прашања, што дополнително укажува на самата положба на младите во државата, каде наместо истите да бидат приоритет на владините политики, младите се занемарени и се ставаат во заден план.
Ваквата реорганизација на државните органи ќе придонесе кон продлабочување на недовербата која младите веќе ја имаат кон институциите. Истражувањата покажуваат дека младите се незадоволни од своето место во општеството, па ваквите практики само ќе придонесат кон зголемување на веќе високата стапка на младинското иселување.
Дотолку повеќе што, ваквите несоодветни реформи на клучни институции за млади, без претходна консултација со млади во процесот на одлучување, дополнително го уназадува прогресот којшто младите го постигнаа со донесувањето на Законот за младинско учество и младински политики.
Националниот младински совет на Македонија смета дека ваквата реорганизација на државната управа е штетна за младите. Воедно како претставничко тело на младите длабоко веруваме дека се потребни реформи во јавната администрација и од таа причина бараме Агенцијата за млади и спорт да прерасне во Министерство за млади и спорт, по примерот на мнозинството држави во Европа. Република Северна Македонија е една од ретките држави во Европа, која ваквиот важен сектор млади го има ставено на ниво на Агенција, наместо на ниво на Министерство за млади.
Со ваквите политики, младите продолжуваат да бидат присутни само во ветувањата на политичките структури, а во пракса не се сметаат за релевантни чинители во општеството и рамноправни партнери во одлучувањето за клучни процеси од нивен интерес.
Националниот младински совет на Македонија стои на располагање за остварување на заедничка средба со Владата, со цел изнаоѓање на решенија кои соодветно ќе ги адресираат проблемите на младите и ќе одговорат на потребите на истите. Дополнително, Националниот младински совет на Македонија ги става на располагање своето искуство и капацитети за постигнување на соодветно законско решение за трансформација на Агенцијата за млади и спорт во ресорно министерство, доколку за тоа постои искрена волја од извршната и законодавната власт.
Со почит,
Марија Крстевска
Претседателка на Национален младински совет на Македонија
1.6.2022 г.