Отворен повик за номинирање на членови на Надзорен одбор на Национален младински совет на Македонија

Во пресрет на годишното Собрание на 29 и 30 септември, Национален младински совет на Македонија отвора повик за номинирање на членови на Надзорен одбор.

Национален младински совет на Македонија (НМСМ) ги повикува сите заинтересирани членови на организациите членки на НМСМ да се пријават и да бидат дел од надзорното тело на НМСМ кое ќе има за задача да врши надзор над работењето на органите и телата на НМСМ.
Секој номиниран кандидат ќе има можност да ја претстави својата номинација за време на Генералното собрание. Изборот ќе се врши по пат на тајно гласање од страна на полноправните членки на НМСМ на Генералното собрание.

Според Статутот на НМСМ Надзорниот одбор e претставен преку:
Член 54

  1. Надзор над работењето на органите и телата на НМСМ врши Надзорниот одбор.
    Надзорниот одбор е самостоен орган на НМСМ, составен од минимум 3 членови.
  2. Членовите на Надзорниот одбор ги избира Собранието на НМСМ, со мандат во времетраење од 2 години, со можност за еден реизбор.
  3. Изборот на членовите на Надзорниот одбор се спроведува врз основа на кандидатска листа на која под редни броеви по азбучен ред се наведени имињата на сите предложени кандидати.
  4. Секој член на Собранието има право да гласа за најмногу пет кандидати од листата. За избрани ќе се сметаат оние кандидати кои добиле најголем број гласови, но не помалку од 1/3 од вкупниот број гласови на Собранието.
  5. Доколку во конкуренција за освојување на последното место во Надзорниот одбор повеќе кандидати имаат еднаков број гласови, гласањето за овие кандидати се повторува се додека еден од нив не добие поголем број гласови од останатите.

Според член 56 од Статутот на НМСМ, Надзорниот одбор ги има следниве надлежности:

Надзорниот одбор врши контрола над целокупното работење на органите и телата на НМСМ, а особено контрола над материјално-финансиското работење.

Надзорниот одбор ги има следните надлежности:

  • Може да донесе деловник за работа заради подетално уредување на неговото работење и поефикасно остварување на неговите надлежности;
  • Го следи спроведувањето на Статутот и Програмата за работа на НМСМ;
  • Го следи начинот на работа на органите и телата на НМСМ;
  • Ја разгледува целокупната документација на организацијата, а особено документацијата од областа на материјално-финансиското работење и
  • Врши други работи утврдени со овој Статут, интерните акти на НМСМ, како и актите и одлуките на Собранието.

Надзорниот одбор се состанува по потреба, а најмалку два пати во текот на една календарска година.
Надзорниот одбор еднаш годишно до Собранието поднесува извештај за својата работа, кој задолжително содржи извештај за спроведената контрола и надзор над финансиското и сметководствено работење.
Сите организации членки имаат право на номинација за еден член од својата организација.

Пријавувањето се врши со:

  • Пополнување на формулар за аплицирање – член на надзорен одбор;
  • Писмо за поддршка од организација која што го номинира;
  •  CV на кандидатот;
  • Мотивациско писмо.

Номинираното лице мора да биде на возраст од 18-35 години. Пријавите треба да се испратат на електронската адреса на НМСМ, [email protected] најдоца до 24 септември 2020 год., со назнака „Номинација за член на Надзорен одбор на НМСМ“.

Сподели