ОТВОРЕН ПОВИК ЗА ПРИЈАВУВАЊЕ ЗА КОМИСИЈА ЗА ЧЛЕНСТВО НА НАЦИОНАЛЕН МЛАДИНСКИ СОВЕТ НА МАКЕДОНИЈА
Според член 70 од Статутот на Национален младински совет на Македонија, Управниот одбор на НМСМ отвора повик за Вршител на должност – член на Комисија за членство.
Национален младински совет на Македонија (НМСМ) ги повикува сите заинтересирани членови на организациите членки на НМСМ да се пријават и да добијат можност да бидат дел од Комисијата за членство на НМСМ.
Според Статутот на НМСМ, Комисијата за членство e објаснета преку:
Член 53
Комисија за членство
(1) Комисијата за членство е независно тело кое е одговорно за комуникацијата и соработката со организациите членки на НМСМ и потенцијалните организации членки на НМСМ.
(2) Комисијата за членство е составена од 3 члена избрани од страна на Собранието на НМСМ со мандат од 2 години и можност за реизбор.
(3) Членовите на комисијата за членство добиваат надоместок.
Согласно член 55 од Статутот на НМСМ, Комисијата за членство ги има следните надлежности:
(1) Ги разгледува апликациите за членство и констатира состојба за исполнетоста на условите за членство;
(2) Креира и доставува извештај за апликации за нови членки до собрание и го доставува до организациите членки;
(3) Врши ревизија на постојаното членство со цел обновување на членството на организациите членки;
(4) Поднесува извештај за обновување на членство до УО;
(5) Одржува редовна комуникација со организациите членки;
(6) Мапира и контактира нови организации членки;
(7) Дава предлози до Управниот одбор и Секретаријатот за унапредување на членството на НМСМ;
(8) Комисијата за членство се состанува по потреба, а најмалку 2 пати во една календарска година.
Изборот на нов член е регулиран во член 70 од Статутот на НМСМ:
Член 70
Избор на нов член на Комисија за членство
(1) Во случај на престанок на мандатот на член на Комисијата за членство во некој од случаите од член 56, испразнетото место во Комисијата за членство ќе го заземе кандидатот што на изборите за членови на Комисијата бил зад последниот кандидат кој бил избран за член, под услов да освоил најмалку 1/3 од вкупниот број гласови на Собранието.
(2) Во случај да не постои кандидат што ги исполнува условите за менување согласно со став 1, Управниот одбор ќе распише конкурс за избор на член што ќе стапи на функција на испразнетото место.
(3) Членот на Комисијата за членство ќе се избере по пат на доставување кандидатури со поддршка од организациите – полноправни членки.
(4) Управниот одбор ќе констатира дека за нов член на комисијата за членство како вршител на должност е избран кандидатот кој добил поддршка од организации, кои претставуваат најголем број гласови, но не помалку од 1/3 од вкупниот број гласови претставени од страна на организациите – полноправни членки.
(5) Доколку ваква постапка за избор на член на Комисија за членство се спроведе на најмногу 3 месеца пред следната седница на Собранието, на лицето кое е избрано не му се пресметува овој период како мандатен период. Во спротивно, кога периодот до следно собрание е поголем од 3 месеца, на избраното лице му се пресметува мандатен период и има право на само уште еден реизбор.
(6) Членот избран на овој начин, добива мандат во времетраење еднакво со преостанатото времетраење на мандатот на останатите членови на Комисијата за членство.
Секоја организација членка на НМСМ има право да номинира еден претставник(чка)/член(ка) на организација, а може да поддржи неограничен број на членови. Пријавувањето се врши со:
- Писмо за номинација од матичната организација;
- Доставени поединечни писма за поддршка од полноправните членки на НМСМ (во скенирана верзија со потпис и печат од раководното лице)(1/3 од вкупниот број гласови брои 18);
- CV на кандидатот.
Номинираното лице мора да биде на возраст од 18-35 години. Пријавите треба да се испратат на електронската адреса на НМСМ, [email protected] најдоцна до 29.12.2023 година, 23:59 часот (Централно европско време), со назнаката „Номинација за вршител на должност – член на Комисија за членство на НМСМ“.
За повеќе информации обратете се на електронската адреса на НМСМ, [email protected] или на телефон 078 350 531.
Ги очекуваме вашите апликации.