Повик за изработка на CareerHub мобилна апликација

Националниот младински совет на Македонија – НМСМ, во рамки на проектот „МладиХаб – надминување на нееднаквоста помеѓу младите“, објавува повик за дизајнирање и изработка на мобилна апликација за поврзување на лица кои бараат работа, практиканство или волонтерство со компании.

 

За ангажманот

Мобилната апликација треба да служи за поврзување на лица кои бараат работа, практиканство или волонтерство со компании кои нудат такви можности за младите. Апликацијата треба да им овозможува на компаниите да креираат огласи за позициите за кои бараат работници или практиканти. Потоа, апликацијата треба да им овозможи на потенцијалните кандидати да ги добиваат огласите еден по еден и со лизгање (swiping) по екранот да можат да го изразат својот интерес за работата. Компаниите треба да добијат листа на сите заинтересирани кандидати, кои својот интерес го покажале со лизгање (swiping), по што треба да можат да им испратат порака и да го започнат процесот на регрутирање.

 

Мобилната апликација треба да овозможува:

  • Употреба на веќе постоечките кориснички профили направени на платформата CareerHub, како и креирање на нови профили за индивидуални корисници и за компании;
  • Индивидуалните корисници треба да добиваат огласи за практиканство, волонтирање или вработување врз основа на карактеристиките посочени при креирањето на нивниот личен профил;
  • Индивидуалните корисници треба да можат да го изразат својот интерес за секој оглас што ќе добијат преку лизгање (swiping) на десно или својата незаинтересираност преку лизгање (swiping) на лево;
  • Компаниите треба да добијат известување кога корисниците ќе покажат интерес за нивниот оглас, треба да добијат листа на сите заинтересирани кандидати, по што треба да имаат можност да испратат порака и да ги контактираат кандидатите;
  • Компаниите треба да добиваат индивидуални корисници врз основа на карактеристиките наведени при креирањето на нивниот оглас или профил и со лизгање (swiping) да истакнат дали тие корисници се добри кандидати за работа. Сите корисници кои ќе бидат обележани како добри треба бидат издвоени во посебна листа, по што компаниите треба да имаат можност да им испратат порака и да ги контактираат, со цел да го започнат процесот на регрутација;
  • Апликацијата треба да биде изработена за iOS и за Android платформите;
  • Дизајнот на апликацијата треба да биде лесен за користење (user-friendly) и визуелно привлечен.

 

Сите потребни фукнции на апликацијата погледнете ги во техничката спецификација, што е достапна НА ОВОЈ ЛИНК.

 

Потребни квалификации

  • Претходно искуство во изработката на Android и iOS апликации;
  • Најмалку 5 години постоење и активно работење.

 

Начин на аплицирање

Понудата се доставува до Национален младински совет на Македонија (ул.Вељко Влаховиќ 7/1-1, 1000 Скопје) или скенирана на е-поштa [email protected]. Како наслов на електронската порака наведете: ,,Апликација/Понуда за тендер бр. 09-70/1-2”, најдоцна до 04.03.2023 година, до крајот на денот. Проектoт е ослободен од сите давачки, даноци и такси, вклучувајќи го и данокот на додадена вредност (ДДВ). Оттаму, единечните цени кои вклучуваат ДДВ нема да бидат прифатени.

Во апликацијата потребно е да се содржани следните документи:

  • Портфолио со претходно изработени апликации;
  • Финансиска понуда (документ во прилог, анекс 3);
  • Tековна состојба на добавувачот, не постара од една годинa;
  • Предлог техничка спецификација (анекс 6);
  • Потпишана изјава дека нема правни пречки за реализација на активноста (документ во прилог, анекс 4).

 

Сите потребни документи можете да ги најдете на овој ЛИНК.

 

За проектот

Проектот „МладиХаб – надминување на нееднаквоста меѓу младите” го спроведува Националниот младински совет на Македонија во соработка со Stella Network. Проектот е финансиран од Британската амбасада во Скопје и поддржан од Претседателот на Република Северна Македонија, а неговата цел е да ги поддржи и поттикне девојките и младите жени на возраст од 15 до 29 години во Северна Македонија да бидат поактивни во општеството и да креира поеднаков пристап до можностите во јавниот живот, во приватниот сектор и со тоа во процесот на донесување одлуки на локално и национално ниво.

Оваа цел проектот ќе ја постигне преку три компоненти, и тоа:

  • Улогата на жената во општеството – разбирање на концептите за родова еднаквост во креирањето и спроведувањето на политиките (национална анализа за нееднаквоста помеѓу младите, национална кампања за покревање на свест за родова еднаквост, локални јавни настани за поддршка на млади девојки);
  • Програма за одржливо менторство за жени, особено на локално ниво (менторство, обука за наставници, поддршка на локални младински совети, поддршка на локални младински иницијативи, креирање на локални младински стратегии);
  • Овозможување економска независност за младите жени и девојки (кариерно советување, практикантство, мобилна апликација за практиканти).

 

Целиот повик е достапен на овој ЛИНК.

Сподели