Повик за учесници за Национален тренинг за образование за човекови права со млади луѓе

Датум: oд 30 септември (пристигнување 17:00ч.) – 4 октомври (заминување 13:00ч.)

Локација: Скопје

Националниот младински совет на Македонија во партнерство со Центар за интеркултурен дијалог, Сојуз за младинска работа, Коалиција на младински организации – СЕГА, Совет за превентива против малолетничка деликвенција – СППМД и АМОС – Центар за Човекови Права, распишува јавен повик за учесници за Национален тренинг за човекови права – “ComPASS for YouthPASS – education in Human rights”, поддржан од Советот на Европа.

Главна цел на тренингот е да обезбеди можности за развој на вештини, знаења, ставови и вредности на наставници кои работат со млади од средните училишта од сите плански региони на Република Северна Македонија.
Како едукатори во формалното образование, учесниците ќе имаат можност да научат и понатаму интегрираат и користат методи и алатки од неформалното образование во нивната секојдневна работа, развиени според методологијата на Компас – прирачник за образование за човекови права со млади луѓе.


Специфични цели
на тренингот се:

  • Да се промовира Компас како прирачник за образование за човекови права со млади луѓе кој може да обезбеди пошироки ресурси во формалното образование;
  • Да се промовира важноста на неформалното образование интегрирано во формалното образование;
  • Учесниците да се запознаат со методологијата и различните пристапи кои Компас ги нуди;
  • Учесниците да се инспирираат и мотивираат да спроведуваат активности од неформално образование во нивниот формален образовен план;
  • Учесниците да научат како најдобро да ги користат и прилагодат активностите од Компас на локално ниво;
  • Да се зајакнат клучните концепти за човекови права кај младите луѓе;
  • Да се поддржат едукаторите при креирање на Национален план за образование за човекови права врз основа на прирачникот Компас во неформалното и формалното образование.

Учесниците ќе имаат можност да се запознаат со еден поинаков методолошки пристап, а со тоа ќе развијат специфични компетенции од областа на неформалното образование што понатаму ќе ги користат, односно интегрираат во нивната секојдневна работа со младите луѓе. Тренингот ќе овозможи разбирање на моменталната состојба и предизвиците поврзани со човековите права на локално ниво.
По завршувањето на тренингот, учесниците ќе станат главни мултипликатори со тоа што ќе продожат да го промовираат Компас како прирачник за образование за човекови права со млади луѓе, ќе имплементираат активности од неформално образование, кои ќе ги прилагодат на потребите на нивната целна група – учениците и на локалниот контекст.


Работен јазик
: македонски


Профил на учесници
:

  • Наставници кои работат со млади (предност ќе имаат класните раководители и наставниците по општетсвени науки), како и невработени наставници од различни региони на државата;
  • Училишни педагози, психолози, социјални работници, младински работници, специјални едукатори и рехабилитатори и други од стручна служба во училиштата.

 

Кои се:

  • Мотивирани да учествуваат на тренингот;
  • Во можност да учествуваат на целиот тренинг и, активно да се вклучат во спроведување на планираните активности;
  • Подготвени за нови методолошки и едукативни пристапи кои ќе ги применуваат во нивното секојдневно работење;
  • Подготвени да го пренесат стекнатото знаење и да зборуваат за важноста на човековите права по завршувањето на тренингот;
  • Во можност да имплементираат активности од неформално образование во формално образование по завршување на тренингот.

Начин на пријавување:

Сите заинтересирани може да се пријават за тренингот со пополнување на формуларот за учество достапен на овој линк.

Рокот за пријавување е до 24 септември, 2021 година, до полноќ.

Доколку се потребни дополнителни информации за повикот и тренингот, ве молиме пишете нa [email protected] или телефонски на 078 238 877.

 

*Дополнителни услови поради протоколите за заштита и превенција од Ковид-19:

За учество на тренингот ќе биде потребно учесниците да имаат:

– Сертификат/потврда за извршена имунизација (вакцинација) од вирусот SARS-CoV-2, односно примена најмалку прва доза вакцина против заразната болест КОВИД-19 или
– Сертификат/потврда за прележан КОВИД-19 во последните 45 дена, сметајќи од денот на оздравувањето.

Сподели