РЕАКЦИЈА на Одлуката на Влада на РСМ за распределба на финансиски средства наменети за финансиска поддршка на здруженија и фондации за мерки за справување со КОВИД-19 кризата

Националниот младински совет на Македонија се залага за транспарентно, отчетно и одговорно донесување на одлуки при распределба на финансиски средства од буџетот на државата. Затоа изразуваме сериозна загриженост за непринципиелниот однос којшто Владата на РСМ го има кон граѓанското општество во ова кризно време.

Имено, во месец април, Владата реши драстично да ја намали поддршката за граѓанскиот сектор, за по добиената реакција од граѓанскиот сектор – истата одлука да ја промени два месеца подоцна и да распише повик за финаниска поддршка за граѓанските организации за мерки за справување со КОВИД – 19 кризата.

На распишаниот повик со многу краток временски рок за аплицирање, пристигнале 549 апликации. Периодот од затворање на повикот – 11 јуни (12.00 часот) до објавата на Одлуката бр.44-5541/1 на 13 јуни 2020 во Службен Весник бр.157 од 13.06.2020 за финансирање изнесува 36 часа. Секој од евалуаторите поединечно ги оценувал сите пристигнати апликации во 36 часа. Ова значи дека за секој од евалуаторите да разгледувал една проектна апликација по 4 минути и 40 секунди, истото го работел непрекинато 36 часа без ниту една пауза.

Ваквиот процес остава сериозен сомнеж во квалитетот на оценувањето и транспарентноста на целокупниот процес. НМСМ не го оспорува квалитетот на проектите кои се финансирани, но спроведениот процес го потенцира непринципиелниот однос на Владата на РСМ кон граѓанскиот сектор.

Граѓанските организации уште од почетокот на епидемијата многу брзо и ефикасно ги мобилизираа своите ресурси и обезбедуваат поддршка на најпогодените граѓани. Ваквата реакција на граѓанскиот сектор има огромен придонес кон справување со последиците од КОВИД-19 кризата и поддршка на мерките за превенција и заштита кои ги донесува Владата.

Националниот младински совет на Македонија има разбирање за итноста на ситуацијата и потребата од брзо носење на одлуки, но укажува на потребата од транспарентно и отчетно работење и донесување на одлуки дури и во време на кризна состојба.

 Целосната реакција испратена до Влада на Република Северна Македонија можете да ја погледнете тука.


Со Почит

Национален младински совет на Македонија

Сподели