Регионален стратешки состанок помеѓу национални младински совети и Регионален стратешки Форум (РИКО)

Од 5 ти Ноември до 7- ми ноември во Белград се одржа вториот Регионален стратешки состанок помеѓу националните младински совети од државите од Западен Балкан.

На состанокот се дискутираше за унапредување на соработката помеѓу националните младинските совети од регионот и Регионалната канцеларија за младинска соработка на земјите од Западен Балкан (РИКО).

Дополнително, се зборуваше за што сѐ е направено во изминатиот период на регионално ниво, активностите коишто ќе се одвиваат во иднина и како би се подобрила соработката помеѓу националните младински совети и РИКО со цел остварување на поставените цели на националните младински совети на регионално и национално ниво.

Регионалната соработка помеѓу младински совети од државите од Западен балкан е исклучително важна во поглед на заедничко застапување и креирање на регионални политики за подобрување на положбата на младите во регионот, како и за унапредување на процесот на интеграција на државите од Западен балкан во Европската Унија.

Последниот ден од настанот беше посветен на консултации со младинските чадор организации во процесот на развој на Стратегијата RYCO 2022-2024, со цел да се соберат инпути од сите чадор организации во регионот за процесот на развој на стратегијата на RYCO.

По Регионалниот стратешки состанок, Регионалната канцеларија за младинска соработка на земјите од Западен Балкан (РИКО), организираше Регионален стратешки форум насочен кон собирање инпути од регионот за новиот тригодишен стратешки план на РИКО.

Тридневниот настан се одржа, од 8 до 10 ноември во Фрушка Гора, Србија и на истиот присуствуваа повеќе од 70 претставници на граѓанското општество, владите, меѓународните и регионалните организации и младите.
Завршниот Стратешки план на RYCO 2022-2024 година се планира да биде усвоен до крајот на годината.

За време на форумот, РИКО ги претстави резултатите од локалните консултации кои собраа над 370 луѓе во претходните месеци, како и нивната неодамна објавена студија за Shared Futures, a има за цел да се користи како алатка заснована на докази за развој на стратегијата. Од друга страна, учесниците разговараа за визијата и вредностите на РИКО, младинската размена и интеркултурното учење, образованието за градење на мирот, мировниот терен, средина за поддршка на мирот, поддршката и градењето на капацитетите на мултипликаторите за градење мир и меѓусекторските прашања како што се родот, вклученоста, учеството, итн.

Сподели